
Пет лица загинаа а околу 40.000 други се евакуирани поради поплави и лизгање на земјиштето предизвикани од монсунските дождови во Мјанмар, соопштија во петокот тамошните власти.
Снимките направени во сојузната држава Ракине, на западот на земјата, која беше опустошена од циклонот Мока во мај, покажуваат огромни рурални области потопени во вода.
Мјанмар секоја година во ова време го погодуваат обилни дождови, но во последните недели ширум светот се случуваат екстремни временски настани, влошени од климатските промени, велат научниците.
Пет лица ги загубија животите низ целата земја во последните денови, изјави за AFP, Леј Шве Зин Оо, висок функционер во Министерството за безбедност. Околу 37.000 луѓе веќе се евакуирани во привремени кампови, додаде, а таа бројка се очекува да надмине 40.000 подоцна во петокот.
Поплавите започнаа на крајот на јули и зафатија девет држави и региони од север до југ на земјата. Во центарот на државата Карен, лизгање на земјиштето го отсече главниот пат што води до пограничен град со Тајланд, а хунтата најави дека изградбата на привремен мост може да потрае еден месец.
Покрај лошите временски услови, Мјанмар е зафатен од крвавиот граѓански конфликт меѓу хунтата, која ја презеде власта со државен удар во февруари 2021 година, и вооружените групи кои се противат на нејзиниот режим. Според локалната мониторинг група, од изведувањето на пучот убиени се повеќе од 3.800 луѓе, додека бројката којашто ја изнесува хунтата е 5.000.
Обединетите нации остро ја критикуваа хунтата за нејзиното справување со последиците од циклонот Мока, во кој загинаа најмалку 148 луѓе и уништи многу домови, како и за одбивањето да дозволи меѓународна помош да дојде во погодениот регион.