
Во заедничка акција на македонската и на грчката полиција спречен е меѓународен транспорт на дрога на јужната граница, со вкупна вредност од 200.000 евра, соопшти полицијата.
„На 10.08.2023 во 23.30 часот од страна на полициски службеници на граничната полиција од Регионалниот центар Југ, во близина на местото викано Вршник Бара, непосредно покрај граничната линија со Република Грција, биле забележани две лица кои од територија на Република Северна Македонија исфрлиле две торби преку жичаната ограда на грчка територија, а потоа и самите ја преминале граничната линија“, соопшти МВР.
Поради сомнение дека во торбите се пренесува марихуана, Регионалниот центар Југ во координација со Одделот за криминалистичка полиција – Сектор за недозволена трговија со дрога оружје и опасни материи, ги известил Службата за дрога со седиште во Килкиз и грчката гранична полиција и како резултат на заедничките и координирани активности на полициските службеници од двете земји за кусо време се пронајдени двете торби во кои биле сместени околу 40 килограми марихуана, а малку подоцна лишени од слобода се В.Х.(36) и Е.Џ.(52), двајцата државјани на Република Албанија. Грчката полиција ги задржала двете лица за понатамошна постапка и против нив ќе бидат поднесени соодветни пријави.
Ова е втора ваква заедничка акција од почетокот на август помеѓу двете полиции. Во првата акција бил спречен транспорт на 40 килограми марихуана.