Вучиќ во октомври оди во Кина, каде што би требало да дојде и Путин

Претседателот на Србија Александар Вучиќ планира во октомври да ја посети Кина, каде можеби ќе се сретне со претседателот на Русија Владимир Путин, објави руската државна новинска агенција ТАСС, повикувајќи се на изјава на Вучиќ за српската телевизија Хепи.

„До крајот на годината очекувам сериозни и важни разговори со нашите многу, многу важни партнери. Во октомври ќе одам во важна посета на Кина. Големо прашање е што таму ќе се случи бидејќи се очекува и доаѓање на рускиот претседател Владимир Путин“, кажа Вучиќ.

ТАСС потсетува дека и претседателот на Република Српска Милорад Додик изјави дека очекува оваа есен да ја посети Кина и таму да се сретне со Путин.

Посетата на Путин на Кина е закажана за октомври кога Пекинг ќе биде домаќин на форумот „Еден појас, еден пат“, кажа претходно помошникот на рускиот лидер Јуриј Ушаков.

„Но, целта на Србија мора и понатаму да биде патот во Европа од милион причини, а пред сè за да живееме во демократија. Србија не сака да живее во диктатури ни во деспотски режими, туку во демократија во која никој нема да ги убива политичките противници или да осудува некого на 30 или 40 години затвор затоа што му кажал дека води лоша политика“, кажа Вучиќ.

„Нашата политика мора да биде таква да одиме и да разговараме во Брисел, Берлин, Париз, Рим и сите центри, Виена, Атина, Будимпешта, Софија, Букурешт, Загреб и Љубљана и сите други, за тоа како Србија да напредува на европскиот пат, но не смееме да замижуваме на тоа што се случува во светот и да се правиме дека не разбираме“, кажа српскиот претседател.