Советникот на шефот на кабинетот на украинскиот претседател Михаил Подолјак порача во вторникот дека Украина нема да тргува со своите територии за членство во НАТО, како одговор на размислувањето во таа насока изречено од функционер на Северноатлантскиот воен сојуз.
„Да се размени територија за чадорот на НАТО? Чудно. Односно, тоа значи свесно да се избере да биде поразена демократијата, да се охрабри глобалниот криминалец, да се зачува рускиот режим, да се уништи меѓународното право и да се пренесе војната на другите поколенија“, објави Подолјак на социјалната мрежа X, поранешната Twitter.
Додава дека обидите да се зачува постојниот светскиот поредок и триумфот на рускиот претседател Владимир Путин нема да донесат мир во светот, туку нова војна.
Според Подолјак, претставниците на Северноатлантскиот сојуз треба да зборуваат за забрзување на испораките на оружје за Украина, а не за отстапување територии на Русија.
„Зошто го предлагаат посакуваното од Русија сценарио за замрзнување на конлфиктот, наместо забрзување на испораките на оружје?“, прашува Подолјак.
За можноста Украина да го добие членството во НАТО во замена за остапување на териотрии на Русија, претходно во вторникот зборуваше шефот на кабинетот на генералниот секретар на Алијансата, Стијан Јенсен. Според него, во блокот веќе било дискутирано по тоа прашање.
„Мислам дека решението може да биде Украина да се откаже од територија и за возврат да добие членство во НАТО“, рекол Јенсен кого го цитираше норвешкиот весник Verdens Gang.
Јенсен истакнува дека во моментов има значителен напредок во однос на прашањето за идното членство на Украина во НАТО. Но истовремено тој нагласува дека отстапувањето на регионите кои сега се под контрола на руската војска може да биде еден од можните начини за постигнување компромис меѓу Киев и Москва.
Без да даде поединости и факти, Јенсен додава и дека прашањето за предавање на териториите наводно веќе било покренато во рамките на НАТО. Според него, „сите се заинтересирани да не се повтори воениот конфлит во источна Европа“.
Иако во Киев се надеваа, на самитот на Алијансата во Вилнис на 11-ти и 12-ти јули, Украина не доби покана за членство во блокот кој ѝ пружа огромна помош во обидот да ги истисне руските војски од својата територија. Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенбер, порача дека сепак украинското членство во иднина не е доведено во прашање, но предупреди дека за тоа мора да биде извојувана воена победа над Русија.
Од друга страна, пак, изминатиот период многу геополитички аналитичари споменувајќи ја евенатуалноста можност размена на територии за членство (во НАТО), посочуваат дека Москва тешко би прифатила дури и таквиот „остаток“ од Украина да влезе во западниот воен блок, бидејќи тоа не претставува решение на нејзината безбедносна загриженост која беше еден од главните изговори за инвазијата во соседната земја.