Аргентина воведува контрола на цените на продуктите во супермаркетите на 90 дена

Аргентинската влада во петокот ги ограничи месечните зголемувања на цените во супермаркетите на максимум 5 отсто во следните 90 дена, обидувајќи се да ја намали троцифрената инфлација пред општите избори.

Министерот за економија Серџо Маса ја објави одлуката по состанокот со претставниците на супермаркетите, истакнувајќи дека официјалните лица постигнале договор со претставниците на 31 локален синџир супермаркети за „стабилизирање“ на цените до општите избори закажани за октомври.

Маса е кандидат за претседател на владејачките перонисти, откако на прелиминарните избори минатата седмица освои најмногу гласови од сите кандидатите во неговата партија. Противници на Маса се радикалниот либертаријанец Хавиер Милеи, кој освои најмногу гласови од сите кандидати во земјата и централнодесничарската надеж Патрисиа Булрих.

Договорот предвидува даночни олеснувања за оние супермаркети кои нема да имаат покачување на цените за повеќе од 5 отсто месечно, заедно со кредитна програма за малите и средни претпријатија кои снабдуваат супермаркети, се вели во соопштението на Министерството.

Претходно, владата усвои други иницијативи за замрзнување на цените за да ја спречи високата годишна инфлација, која надмина 113 отсто во јули. Потрошувачките цени се очекува дополнително да се зголемат во август, бидејќи неочекуваната победа на Милеи на прелиминарните избори доведе до остра девалвација на пезосот.

Во четвртокот, Министерството објави дека ќе ги замрзне цените на горивата до 31-ви октомври по договорот со индустријата.