До судиското продолжение, Динамо водеше со 2:0 во Атина и по поразот од Загреб од 1:2 имаше обезбеден пласман во плејофот за Лигата на шампионите, но со два гола во продолжението, АЕК израмни на 2:2 и дојде на чекор од квалификациите за групната фаза од елитното европско клупско натпреварување.
Јосип Шутало го доведе Динамо во водство во втората минута од судиското надополнување на крајот од првото полувреме, кога беше прв на одбиената топка и од непосредна близина и ја спроведе во мрежата. Во 65 минута Роберт Љубичиќ ја удвои предноста на Динамо кога од седум-осум метри го совлада домашниот голман Станковиќ по прецизното и правовремено додавање на Бруно Петковиќ.
Во втората минута од судиското продолжение, домашниот капитен Серхио Араухо го намали резултатот на 2:1, со што натпреварот во тој момент одеше во двете продолженија. Сепак, во десеттата минута од судиското продолжение за домашните беше досуден удар од белата точка. Ливаковиќ го одбрани ударот на Леви Гарсија, но Домагој Вида прв дојде до одбиената топка и со глава ја упати во мрежата за конечните 2:2 и пласман на АЕК во плејофот за Лигата на шампионите.
АЕК така веќе во вторник ќе се соочи со белгиски Антверпен во обид да се пласира во групната фаза од елитното натпреварување, а два дена подоцна Динамо ќе го одигра првиот квалификациски натпревар против Спарта Прага за пласман во една од групите во Лига Европа.
Во вжештената атмосфера на „ОПАП арената“, по познатите трагичните хулигански дивеењеа пред десетина дена во Атина, хрватскиот тренер Игор Бишќан ги испрати истите 11 играчи на теренот со кој го започна дуелот на „Максимир“, додека тренерот на АЕК, Матиас Алмејда, направи две замени во однос на стартната постава на натпреварот во Загреб. Французинот Џибрил Сидибе на десната дефанзивна позиција беше заменет со Лазарос Рота, единствениот Грк во стартната постава на домашните, а Мароканецот Нордин Амрабат влезе на Швеѓанецот Никлас Елиасон.
Влезот во натпреварот не беше особено ветувачки за Динамо, бидејќи веќе по 50 секунди АЕК имаше чиста можност за водство. Хајсафи изби од левата страна на шеснаесетникот пред Доминик Ливаковиќ и со удар со надворешната страна на десната нога се обиде да го совлада хрватскиот голман, но топката мина покрај спротивната статива.
Но, веќе во 3 минута Динамо се закани. По неколку додавања во шеснаесетникот, топката стигна до Дарио Шпикиќ, но неговиот удар заврши во густ блок играчи во жолти дресови.
Амрабат во неколку наврати му создаваше добри ситуации на грчкиот шампион, особено во 7. минута кога Ливаковиќ беше побрз на топката пред Гарсија.
Во 13 минута Марко Булат го испроба својот удар од 20 метри, но за разлика од слободниот удар во Загреб кој заврши во мрежата, во Атина топката мина преку гредата.
Во 17 минута Грците ја имаа најубавата шанса за гол. Швајцарецот Зубер, стрелецот на израмнувачкиот гол во Загреб, прими идеална топка во срцето на шеснаесетникот, упати остар удар, но Ливаковиќ одлично одбрани.
На половина од првото полувреме Динамо имаше шанса за гол. Домагој Вида загуби една топка која ја однесе Лука Иванушец, тој од левата страна се префрли кон средината, а потоа испрати одлична топка на околу 20 метри каде натрча Бруно Петковиќ. Напаѓачот на Динамо реши да шутира од прва, но во тој удар немаше доволно сила за да му направи повеќе проблеми на голманот Цицан Станковиќ. Пет минути подоцна, Иванушец се обиде со удар од слична позиција, малку дијагонално од левата страна, но топката мина покрај стативата.
Последната закана за Ливаковиќ во првото полувреме беше слободен удар на Гарсија во 31 минута, но напаѓачот на грчкиот шампион ја испрати топката преку гредата.
И кога норвешкиот арбитар Еспен Ескас веќе беше подготвен да го означи крајот на првото полувреме, Јосип Шутало го претекна и му донесе гол на Динамо за да ја анулира предноста на АЕК од максимирскиот дуел. Садег Мохарами ја испрати топката од десното крило на спротивната статива, а Бруно Петковиќ го измани својот чуар и ја упати топката во центарот каде што се наоѓаше осамен Богдан Михајличенко и шутираше со глава од пет метри. Неговиот удар го одбрани Станковиќ, но Јосип Шутало прв дотрча до одбиената топка и ја смести во небранетата мрежа.
По првите 45 минути на „ОПАП Арена“, резултатот беше ист како и по првото полувреме на Максимир. Сепак, во Загреб второто полувреме донесе целосен пресврт, како во односот на силите на теренот, така и на семафорот.
Почетокот на вториот дел донесе слична слика. АЕК тргна со сите сили да израмни. Единствената разлика беше што во Атина голот на Динамо го чуваше чудесниот Доминик Ливаковиќ, кој само повремено имаше помош од својата одбрана. Така Јосип Шутало во 51 минута успеа во последен момент да дојде до топката пред Рота и да ја избие во корнер.
Сепак, во 56 минута Ливаковиќ повторно брилјираше. Досегашниот капитен на македонската селекција Стефан Ристовски го блокираше ударот на Пинеда, а Јонсон натрча на одбиената топка и извлече удар, но Ливаковиќ се испружи и одбрани.
Само една минута подоцна Грците го испратија Амрабат сам пред Ливаковиќ, но капитенот на Динамо и од тој дуел излезе како победник.
А, потоа дојде шокот од другата страна. Роберт Љубичиќ ја прими топката по десната страна на околу 20 метри и ја испрати на средината кон Бруно Петковиќ и натрча во шеснаесетникот. Петковиќ со непречено брилијантно додавање ја проби домашната одбрана, а Роберт Љубичиќ од седум-осум метри со лева нога ја испрати топката покрај немоќниот Станковиќ за 2:0.
Динамо во тие моменти можеше да го дотолчи својот грогирен ривал, доколку ударот на Шпикиќ од околу 15 метри од десната страна го минеше домашниот голман, но Станковиќ одбрани со нога. Во 73 минута Булат се обиде од слободен удар, но топката мина преку гредата.
Навивачите на АЕК се израдуваа во 78 минута, но голот на Мокуди беше поништен поради офсајд позиција. Истото се случи и во 90 минута, кога топката на пат кон мрежата го погоди Манталос, кој беше во недозволена позиција.
Само пет минути дополнително време го делеа Динамо од голем подвиг. Но, наместо да слават загрепските „модри“, судиското продолжение се претвори во грчка трагедија на Динамо.
Во втората минута од судиското продолжение, по изведен корнер, топката не излезе од шеснаесетникот на Динамо, Серхио Араухо наиде дијагонално од левата страна на десетина метри и неодбранливо ја испрати низ шумата нозе во долниот лев агол. Тоа не можеше да го одбрани ниту дотогаш семоќниот Ливаковиќ.
Во последните моменти од планираното дополнување нова драма. Судијата Ескас отиде да провери дали има играње со рака на Љубичиќ во шеснаесетникот и откако ја прегледа снимката покажа на белата точка. Леви Гарсија ја презеде одговорноста, но Доминик Ливаковиќ го прочита неговиот удар и одбрани. Сепак, хрватскиот репрезентативец Домагој Вида прв дојде до одбиената топка и со глава ја упати топката во мрежата, а неговиот тим во плеј-офот за Лигата на шампионите.