На Србија ѝ претстои седмица со притисоци, очекува Дачиќ

Министерот за надворешни работи Ивица Дачиќ изјави во неделата дека следната седмица ќе биде исклучително тешка за Србија, бидејќи ќе следува дополнителен притисок земјата да воведе санкции кон Русија.

Дачиќ гостувајќи во неделната утринска приграма на телевизијата ТВ Пинк, рече дека усогласеноста со надворешната политика на Европската унија не е единствениот проблем во односите на Србија со Брисел, „туку дека има уште нешто друго“.

„Албанија се фали дека е стопроцентно е усогласена со ЕУ и се чуди зошто не ги отвораат преговорите. Некои соседни земји добиваат само барања и веднаш ги спроведуваат. Тоа покажува дека нашиот проблем во односите со нив не е само усогласеноста со надворешната политика на ЕУ“, рече Дачиќ.

Српскиот претседател Александар Вучиќ во петокот на РТС зборуваше за дополнителни притисоци врз земјата, како и вчера министерот за одбрана и лидер на Српската напредна партија (СНС) Милош Вучевиќ, кој изјави дека „српскиот претседател на 22-ри август ќе биде на важен меѓународен состанок, каде поради тие санкции се очекуваат посебни напади врз него“.

Медиумите јавуваат дека Вучиќ во понеделник и вторник ќе престојува во Атина на неформална средба на лидерите на земјите од регионот, на која ќе присуствуваат и високи претставници на Европската унија и претседателката на ЕК Урсула вон дер Лајен, како и украинскиот претседател Володомир Зеленски.

Вучиќ денеска е во посета на Унгарија, каде имаше средба со унгарскиот премеир Виктор Орбан.