Спасовски: Прибираме информации за лицето што го вееше знамето во Тетово, ако е странец ќе распишеме меѓународна потерница

Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски е оптимист дека ќе се открие идентитетот на лицето што го вееше знамето на „голема Албанија“ на плоштадот во Тетово при посетата на косовскиот премиер Албин Курти.

Одговарајќи на новинарски прашања на денешната прес-конференција по промоција на кошаркарско игралиште во Полицискиот центар „Ѓорче Петров”, Спасовски повтори дека лицето што го вееше знамето на собирот не е вработено во Министерството за внатрешни работи, но дека неговиот идентитет е сè уште непознат.

„Имаме информации кои веќе ги прибираат колегите и од СВР Тетово и на ниво на Министерството. Јас мислам дека ќе се утврди идентитетот на ова лице. Класификацијата секако е кривично дело, согласно препораките што ги даде јавниот обвинител  и на основа на тоа ќе се преземат соодветни мерки“, рече министерот.

Спасовски додаде дека на собирот во Тетово имало и лица кои не се државјани на Северна Македонија, а доколку се утврди дека се работи за странски државјанин тогаш, како што рече, ќе се распише меѓународна потерница и ќе се активираат сите механизми за расчистување на овој случај.

МВР на 18 август објави фотографија од човекот што го веел знамето со „голема Албанија“ на плоштадот во Тетово при посетата на косовскиот премиер Албин Курти и ги повика граѓаните ако некој го забележи или има информации за него веднаш да извести во најблиската полициска станица.

Посетата на косовскиот премиер Албин Курти на земјава се случи на 11 август.

Во Општина Чаир, Курти присуствуваше на преименување на улицата „Втора македонска бригада“ во „Адем Демачи“. Во Тетово, пак, беше пречекан со речиси целодневни активности и со настан на градскиот плоштад на кој, меѓу другото, се вееше знаме со картата на „голема Албанија“. Во Тетово, Курти го пречекаа градоначалникот и лидер на движењето Беса, Билал Касами, претседателот на Алтернатива, Африм Гаши, и претседателот на новоформираното Демократско движење, Изет Меџити.

Непочитувањето на државните симболи резултира со прекршочни пријави за градоначалниците на општините Чаир и Тетово, Ганиу и Касами. Настанот силно ја разбранува јавноста, а власта и опозицијата со денови се расправаа чија е одговорноста за случувањата во Чаир и во Тетово.