Халеп симната од листата за настап на УС Опен

Поранешната шампионка на Вимблдон и Ролан Гарос, Романката Симона Халеп е отстранета од списокот тенисерки коишто ќе настапат на годинешното издание на Отвореното првенство на САД, кое започнува следната седмица.

Триесет иедногодишната Халеп автоматски беше симната од листата за пријави во понеделникот, само една седмица пред почетокот на турнирот, а поради суспензија за допинг.

Халеп беше привремено суспендирана на речиси една година, почнувајќи од октомври 2022 година, откако беше позитивно тестирана на забранетата супстанција роксадустат на минатогодишниот УС Опен. Сепак, поранешната шампионка на Ролан Гарос ги отфрли обвинувањата дека свесно ја земала супстанцијата и тврди дека направила десет тестови по нејзиниот позитивен резултат, од кои сите биле негативни. Потоа, во мај годинава, биле откриени неправилности во нејзиниот биолошки пасош.

Американската тениска асоцијација објави дека двократната победничка на Грен слем турнирите ќе биде заменета со Американката Тејлор Таунсенд во главниот ждреб на турнирот.

„Поборник сум на чистиот спорт и отсекогаш сум била против допингот. Немам поим каде и како сум ја консумирала таа забранета супстанца“, тврдеше тогаш поранешната шампионка на Вимблдон и Ролан Гарос.

Халеп рече дека испратила докази за контаминација до Меѓународната тениска федерација во декември и се надева дека нејзиниот случај ќе биде сослушан од независен суд во февруари, но тоа е одложено, а новиот датум во март, исто така, е одложен.