Советниците на ВМРО-ДПМНЕ во Чаир бараат враќање на старите имиња на 36 улици

Советничката група на ВМРО-ДПМНЕ во Советот на Општина Чаир поднесе Иницијатива до Градот Скопје со барање за враќање на старите имиња на 36 улици во општина Чаир.

-Имено на предлог на поранешниот градоначалник на Град Скопје Петре Шилегов, Советот на Град Скопје на својата 67-ма седница оддржана на 30 март 2021 година донел Одлука за определување и промена на имиња на улици, мостови и плоштади на подрачјето на Градот Скопје. Без никаква консултација и согласност со граѓаните на општина Чаир, тогашното раководство на градот донело одлука да се преименуваат 36 улици помеѓу кои: Втора Македонска Бригада, Македонско Косовска Бригада, Лазар Трповски, Војдан Чернодрински, Христијан Тодоровски Карпош, Дижонска и други улици на нашата територија. До нас како советничка група, изминатиот период пристигнаа голем број на реакции од граѓаните што ги сметаме за целосно оправдани, бидејќи без дијалог и согласност од граѓаните не се донесуваат одлуки. Барањата на граѓаните се и наши барања, велат советниците на ВМРО-ДПМНЕ во Чаир.

„Некој воден од лични и политички причини во пресрет на тогашните локални избори спровел нетранспарентен процес и затоа бараме истиот во целост да биде поништен. Од нашиот прв ден како советници дадовме ветување дека секогаш ќе бидеме на страната на граѓаните на општина Чаир, така било до сега и така ќе биде секогаш“ – посочуваат советниците.