Деловната активност во еврозоната паднала и во август

Деловната активност во еврозоната се намалика и во август, како одраз на обновениот пад во преработувачката индустрија и првиот пад во услужниот сектор од крајот на минатата година, покажа прелиминарното истражување на S&P Global во средата.

Прелиминарниот вкупен индекс на менаџерите за набавка (PMI) во приватниот сектор во еврозоната се намали во август за 1,6 поени во однос на јули, паѓајќи на 47 поени, најниско ниво од ноември 2020 година, објави Хамбуршката трговска банка (HCOB), која составува извештај за S&P Global.

PMI под нивото од 50 поени сигнализира пад на активноста, додека повисоките вредности укажуваат на нејзиниот раст. Доколку се исклучат месеците за време на пандемијата, како што наведуваат, индексот е на најниско ниво од април 2013 година.

Активноста опаѓа трет месец по ред, предводена од петти последователен месечен пад во преработувачкиот сектор, кој во август беше нешто поблаг. Во услужниот сектор, пак, активноста падна првпат од декември минатата година, но многу поблаго во споредба со секторот за производство на стоки, се вели во извештајот.

Во Германија, најголемата економија во еврозоната, деловната активност се намали во август со најбрзо темпо во повеќе од три години. Прелиминарниот вкупен PMI на HCOB составен од S&P Global, падна од 48,5 поени во јули на 44,7 поени во август, што е најниско ниво од мај 2020 година.

Деловната активност во услужниот сектор се намали првпат од декември минатата година. Соодветниот индекс падна од 52,3 поени во јули на 47,3 поени во август, што е најниско ниво во последните девет месеци.

PMI за производствениот сектор се зголеми за 0,3 поени на 39,1 поени во август, но остана длабоко на територијата на пад на активноста, покажа истражувањето.

„Секоја надеж дека услужниот сектор може да ја спаси германската економија избледе. Наместо тоа, услужниот сектор ќе се приклучи на производствената рецесија, која се чини дека започна во вториот квартал“, вели Сајрус де ла Рубија, главен економист во HCOB.

Претпријатијата останале песимистични во врска со изгледите, бидејќи растот на каматните стапки, несигурноста на клиентите и високата инфлација продолжуваат да влијаат врз побарувачката на стоки и услуги, покажа истражувањето.

Забележано е зголемување на инфлаторните притисоци, поттикнати од забрзаниот раст на трошоците и цените во услужниот сектор.

„Се чини дека услужните компании се чувствуваат изненадувачки смело во зголемувањето на цените уште побрзо“, додава де ла Рубија.

И приватниот сектор во Франција, втората по големина економија во еврозоната, остана во областа на опаѓање на активноста во август, покажаа прелиминарните податоци на S&P Global.

Вкупниот прелиминарен PMI во август стагнираше од јули, останувајќи на 46,6 поени, најниско ниво во последните 32 месеци, што укажува на солиден пад во приватниот сектор, пад што трае од минатото лето.

Индексот PMI во услужниот сектор падна во август на 30-месечен минимум од 46,7 поени, од 47,1 поени во претходниот месец. PMI во производството се зголеми на петмесечен максимум од 46,4 поени во август, од 45,1 поени во јули.

„Француската економија е заглавена во рутина, повторно покажува знаци на тешкотии“, вели Норман Либке, економист во HOCB.