Поранешниот американски претседател Доналд Трамп накусо беше уапсен во затворот во Атланта поради обвинението во врска со претседателските избори во 2020 година во американската сојузна држава Џорџија, но набрзо беше ослободен со претходно одредената кауција.
Доналд Трамп доброволно пристигна во затворот во Атланта за да ѝ се предаде на полицијата и да направи своја фотографија во рамките на обемната кривична постапка под обвинение дека наводно барал да се поништат резултатите во Џорџија од изборите во 2020 година на коишто и денес тврди дека му е украдена победата во полза на актуелниот претседател Џо Бајден од редовите на демократите.
Поворката од автомобили со Трамп пристигна пред затворот околу 1,30 часот по македонско време во петокот, околу 30 минути откако неговиот приватен авион слета на аеродромот „Хартсфилд-Џексон“ во Атланта.
Минувањето на поранешниот претседател и фаворит на предизборите во Републиканската партија за многумина и воопшто на претседателските избори во ноември 2024 година, низ окружниот затвор во Фултон, сепак, беше кусо. Како и на десетте од единаесетте обвинети во истиот случај кои веќе се предадоа, Доналд Трамп беше ослободен со претходно одредената кауција од 200.000 долари.
По кусата процедура во затворот во Фултон, Трамп набрзо со својот авион се врати во својот голф-клуб во Њу Џерси.
Седумдесет иседумгодишниот Трамп веќе се наоѓа до ситуацијата без преседан во американската историја како прв поранешен претседател на САД кој се соочува со кривични обвинувзња. Сепак, анкетите покажуваат дека четирите случаи против него воопшто не му наштетиле, напротив, на неговиот статус на фаворит и во трката за републиканската номинација и во повторното соочување со кандидатот на Демократската партија, актуелниот претседател Џо Бајден.
Така милијардерот и исклучително успешен претприемач во секторот на недвижности, кој успешно се испроба и во политиката кога ненадејно во 2016 година ја порази фаворизираната во сите медиумите демократка Хилари Клинтон, според иститите тие медиуми сега им се придружува на гангстерот Ал Капоне, пејачот Френк Синатра и други славни Американци кои позирале за фотографии во затворските досиеја.
Фотографијата, којашто ќе стане јавна, несомнено ќе ја шират неговите непријатели, меѓутоа и неговите приврзаници и поддржувачи, имајќи предвид дека со секое обвинение покренато против него се зацврстуваше поддршката на републиканските гласачи.
Пред Трамп последните денови во споменатата пренатрупана и ноторно нехигинеска затворска институција, што го следеа бројни светски медиуми, минаа и неколку од 18-те сообвинети во истиот случај.
Сите на 14-ти август беа обвинети за наводни незаконски обиди да ги поништат резултатите од изборите во ноември 2020 година, според кои во оваа клучна сојузна држава победи Бајден. Рапубликанците во мнозинство сметаат дека станувало збор за манипулација со гласовите, особено стасани по пошта во дотогаш незапаметен број за американските избори.