Арбитражните постапки што се водат против државата во моментов се со вредност од над 1,3 милијарди евра, истакна вицепремиерот за економски прашања и координатор, Фатмир Битиќи. Групацијата „Амадеус и Амадеиус Девелопмент дооел“„ за случајот „шпански скали“ за кој се води и судски процес, има арбитражна постапка против Република Македонија и таа бара надомест за прекршување на билатералниот договор кој го имаме со владата на Република Албанија односно отштета за наводно претрпена штета што се проценува на 110 милиони долари.
– Групацијата била одговорна за изградба на комерцијална зграда и хотел, а дозвола барала на проект „Шпански скали“. Тужителот тврди дека општина Центар му забранила да гради и покрај дозволата за градба од 2015 година – рече Битиќи.
Втора постапка е од италијанска фирма „ФЦЛ Амбиенте“ . Во 2011 година Град Скопје ја избрал оваа компанија за партнер кој ќе работи со ЈП „Дрисла“. Фирмата се стекнала со 80% од уделот во ЈП „Дрисла“, а Град Скопје се стекнал со 20% удел. Управниот суд во 2018 година пресуди и го поништи решението за избор на „ФЦЛ Амбиенте“ за приватен партнер за управување со депонијата Дрисла. Во 2020 година „Дрисла доо“ повторно се трансформира во јавно претпријатие за што италијанската фирма поведе арбитражна постапка.
– Овие постапки имаа голем интерес. Несовесното раководење, договорите во четири очи и негрижата за јавното добро ја изложуваат нашата држава на ризици и парите на граѓаните. Сега ќе треба парите да се користат за одбрана на интересите на државата во меѓународните спорови. Преземени се сите правни дејствија и затоа е формирано координативно тело за следење на кативностите поврзани со меѓународни арбитражи кое јас го водам – додаде вицепремиерот.
Тој појасни дека има активни пет арбитражни постапки против државата од кои две се завршени во наша корист, а во еден предмет е исплатена отштета кон државата од 3 милиони евра.