Командирот од ПО Ропотово кој пукаше на свадба е суспендиран, поднесена е кривична пријава во ОЈО

Командирот на полициското одделение Ропотово веќе е суспендиран и е изведен пред органите на прогонот. Пронајдени се чаури и пушката која командирот најпрво ја добива од друго лице, кое го упатува како да пука. Собрани се и снимките од настанот. Меѓу нив е и онаа којашто е објавена на социјалните мрежи.
Настанот се случи на свадба во село Дебреште, во околината на Прилеп. Против командирот веќе е поднесена кривичната пријава.

Според информациите објавени во соопштението на полицијата, триесетгодишниот командир е под сомнение за сторено кривично дело „предизвикување општа опасност“.

Според член 288 од Кривичниот законик: Тој што со општоопасно дејствие или средство ќе предизвика значителна опасност за животот или телото на луѓето или за имот од големи размери, ќе се казни со затвор од шест месеци до пет години. Ако делото е сторено на место каде што се собрани поголем број луѓе, сторителот ќе се казни со затвор од една до пет години“ – извадок од Член 288 од Кривичниот законик.
Командирот вчера беше приведен во полиција на информативен разговор и сега се чекаат информациите од надлежните органи за понатамошниот тек на постапката.

Според Законот за оружје строго е забрането поседување и употреба на автоматско оружје. Цивили немаат никаква можност легално да поседуваат автоматски пушки и калашникови. За прекршување на законот се предвидени строги затворски казни.

Дел од униформираните полициски службеници како службено оружје имаат и автоматски пушки или пиштоли, но нивната употреба е строго регулирана и дозволена исклучиво во полициски операции, активности, тренинзи и вежби.