Три куќи изгореа во големиот пожар во Бељаковце и Руѓенце

Три стари куќи и две помошни простории изгореа вчера во големиот пожар во селата Бељаковце и Руѓенце. Пожарните до доцна во ноќта се обидуваа да стават под контрола огнот.

-Пожарот кој избувна во попладневните часови вчера дополнително се разгоре и прошири во доцните попладневни часови кога веќе беше доцна за полетување на дежурните два полициски и еден армиски хеликоптер како и еден Ер трактор на ДЗС. Бидејќи пожарот се движеше во два правци со линија подолга од еден километар, но најверојатно значително повеќе, а и двата крака дополнително загрозуваа други куќи од овие две села, бидејќи ветрот кој дуваше го движеше огнот многу бргу голтајќи ја пред себе високата сува трева, трња, дрвја, меѓу нив и лесно горливите ниски смреки и други зимзелени дрвја, чекањето на раните утрински часови кога можеа да полетаат двата полициски и еден армиски хеликоптер, ќе предизвикаше дополнителен ризик за куќите и населението во овие две села, информира директорот на ЦУК, Стојанче Ангелов.

Покрај пожарникарите од Старо Нагоричане, Ранковце и Крива Паланка, поради сериозноста на пожарот помош била побарана и од пожарникари Кавадарци, Штип, Свети Николе и Куманово, вклучително и пожарникари од доброволното противпожарно друштво од Свети Николе, но и неколку локални жители.

После двочасовна неизвесна борба со огнот успеавме целосно да го изгаснеме овој голем пожар. На двата крака остана по една дежурна екипа пожарникари од ТППЕ Кавадарци и Штип чија задача беше да внимаваат пожарот повторно да не се разбуди. Во овој момент, пожарот не покажува никакви знаци на горење, објаснi Ангелов.

Изгорената површина, според првичните проценки, е значително поголема од 100 хектари.