Супер Месечината организирано вечерва ќе се набљудува во Неготино

Супер Месечината организирано вечерва ќе се набљудува со телескопи во Неготино, информираа денеска од Здружението на граѓани „Ековита“, кое го организира настанот на спомен-костурницата во градот.
– Станува збор за астрономска појава кога месечината е во точка на својата орбита најблиску до Земјата. Кога супер месечината се случува, изгледа дотолку поголема и светла, што ја прави спектакуларна на ноќното небо. Во споредба со обичната месечина, супер месечината е со околу 14 проценти поголема големина, оттаму името „супер“, појасни Кристина Тодорова, активист на ,„Ековита“ и координатор на проектот.

Таа додаде дека за целосно задоволство при гледањето, осветлувањето на споменикот ќе биде исклучено и заради безбедност во движењето да се внимава при пристапот, да се користат мобилни светилки, а телескопите ќе бидат поставени околу споменикот.

Активностите се дел од проектот „МладиХаб – надминување на нееднаквоста помеѓу младите”. Проектот MladiHub го спроведуваат Национален младински совет на Македонија и Stella Network со финансиска поддршка од страна на Британска амбасада Скопје.