Бејтула Адеми, сопственик на фирмата Еуровиа, која го доби тендерот од 1,8 милиони евра за адаптација на спортската сала „Борис Трајковски“, како приватно лице континуирано донирал високи износи за политичката партијата ДУИ, од 2011 година па до сега – покажуваат финансиските извештаи на партијата доставени до Државниот завод за ревизија, Управата за јавни приходи и Министерството за финансии.
Името на Бејтула Адеми се појавува во годишните извештаи за речиси сите години наназад, со поголеми износи. На пример во 2011 донирал 317.070 денари, во 2012 уплатил 368.290, во 2013 помогнал со 300.000 денари и така натаму.
Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) најави дека ќе отвори предмет поврзан со компанијата „Еуровиа“, која го доби тендерот на МНР. Колегиумот на Антикорупциска комисија утврдил дека во конкретниот случај постојат елементи за надлежно постапување на комисијата и од аспект на материјалноста, бидејќи се работи за високи износи, но и за ризици за политичка поврзаност.
Шефот на дипломатијата Бујар Османи денеска повтори дека „нема никакво политичко влијание при изборот на компанијата Еуровиа за адаптација на салата Борис Трајковски за потребите нa Министерскиот состанок на ОБСЕ, бидејќи понудила најниска цена што е единствен критериум таа да биде прифатена од страна на МНР. Според Османи, секој друг избор би бил прекршување на законот и оштетување на буџетот, изјави денеска Османи.
Тој посочи дека денеска на негово барање целата документација во врска со понудата на Еуровиа ќе биде доставена до сите надлежни институции, како и до ДКСК, иако вели од нивна страна се уште нема барање за тоа. Коментарите на опозицијата во однос на овој тендер ги оцени како шпекулации.
Тој рече дека досега не знаел дека фирмата победник на тендерот и нејзиниот сопственик биле донатори на неговата партија ДУИ.
– Знам дека не ви се верува, но јас од медиумите дознав дека компанијата е донатор. Не бев среќен кога ми го донесоа извештајот за рангирањето, бидејќи ги очекував овие реакции и никогаш не би ставил дамка на најважниот настан во историјата на оваа држава. Нема никаков конфликт на интереси. Сум потпишал изјава под каква било одговорност и кривична и материјална и морална дека немам никаков конфликт на интерес. Единствено што се спомнува е дека роднина на сопственикот бил министер. Значи, прво – да, јас се знаев со покојниот Абдулаќим Адеми, којшто е покоен веќе шест години, не е министер од 2015, но, да се злоупотребува неговото име во овој контекст е некоректно. Ве уверувам дека процесот беше најтранспарентен – истакна Османи.
Според ВМРО-ДПМНЕ со ова Османи признава дека фирмата Еуровиа е донатор на ДУИ.
„Бујар Османи ја закопа фирмата донатор на ДУИ, Еуровиа. Вчера фирмата вика дека не е донатор, денес Османи вели дека е донатор. Сега откако признаа дека Еуровиа е донатор и откако видовме дека добила милионски тендер од МНР дали Османи ќе понесе одговорност?
Или дали од Еуровиа ќе побараат од Османи да се извини, бидејќи вчера бараа извинувања од медиуми кои ги пренесоа информациите? На очиглед на сите е спрегата помеѓу ДУИ и фирми блиски до нив, кои за државни тендери одлично функционираат“ – се вели во реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ.
Ова се дел од извештаите за донациите за ДУИ, за 2011, 2012, 2о13 година, на кои се гледа името на донаторот Бејтула Адеми, а има извештаи и за другите години: