Кремљ во петокот потврди дека рускиот претседател Владимир Путин во понеделник во Сочи ќе го пречека турскиот колега по должност Реџеп Тајип Ердоган со кого, како што најавува Анкара, ќе разговара за обновување на договорот за испораката на украинските житарки преку Црното Море.
„Разговорите ќе се одржат во понеделник во Сочи кон средината на денот“, изјави за новинарите портпаролот на Кремњ, Дмитриј Песков, без да навлегува во темите за кои ќе дискутираат Путин и Ердоган.
Ова ќе биде уште една посета на Русија на еден челник на групата Г20 од почетокот на руската инвазија на Украина во февруари 2022, по кинескиот претседател Кси Џинпинг на Москва во март годинава.
Веста е објавена во моментот кога Украина објави дека им дозволила на два товарни брода да испловат преку Црното Море преку коридорот којашто таа го одреди и покрај опасноста од украинските подводни мини кои плутаат во морето последните две години, како и можноста од руски напади откако Москва го суспендираше своето учество во договорот за извозот на житарки и откако контролата на два брода кои превезувале украински продукти покажала присуство на експлозиви.
„Бродовите за растурен товар ‘Anna-Theresa’ (плови под знамето на Либерија) и ‘Ocean Courtesy’ (под знамето на Маршаловите острови) го напуштија пристаништетот Пивдениј и тргнаа по коридорот“, објави ураинскиот министер за инфраструктура Олексиј Кубраков.
Освен двата товарни брода кои испловиле, два брода последните два дена успеала да се допловат од украинските пристаништа до турските територијални води, без врз нив да дејствува руската војска.
Договорот за житарките, од кој Русија по три негови продолжувања се повлече поради неисполнувањето на одредбите од него во однос на рускиот извоз, ќе биде на дневен ред на средбата меѓу Ердоган и Путин објави во понеделникот официјална Анкара, но Москва досега тоа воопшто не ја спомена таквата можност.
Турција инсистира да се обнови договорот надевајќи се дека може да се наметне како иницијатор за мировни преговори меѓу Украина и Русија, улога што ја имаше до крајот на март 2022 година, кога Киев се повлече од преговорите на делегациите на двете земји.
Турскиот министер за надворешни работи Хакан Фидан во четвртокот во текот на посетата на Москва оцени дека е „клучно“ договорот да биде обновен, а неговиот руски колега Сергеј Лавров повтори дека Русија бара „гаранции“ од Западот дека ќе бидат почитувани одредбите од договорот кои се однесуваат на нејзиниот извоз.
Договорот го гарантираше и рускиот извоз на вештачки ѓубрива, вклучително и амонјак, за да се поткрепи сигурно снабдување со храна во светот.„Меѓутоа, ѓубривата и амонијакот до денес не се извезени во рамките на иницијативата“, стои во соопштението на ОН од 10-ти јули без да се наведат причините за тоа. Русија, според податоците на Светската банка, е најголемиот светски извозник на ѓубрива и значаен извозник на житарки, но нејзиниот извоз го попречуваат западните санкции. Рускиот произведувач на поташ и амониум нитрат „Уралхем“ кон крајот на мај истакна дека запленетите ѓубрива на Западот чинеле повеќе од 200 милијарди американски долари, издвојувајќи го бродот „Asian Majesty“ со 60.000 тони поташ, кој е блокиран на отворено море кај естонска Рига од март 2022 година.
Украина во меѓувреме ги извезува житарките по копнен пат и преку речно пристаниште, па количеството на извезените продукти е значително помало. Притоа, руската војска изведува и повремени напади врз пристаништната инфраструктура на југот на земјат.а