Уште пред две години алармиравме за криминал на Онкологија, вели Димитриеска Кочоска

Два дена еве како јавноста е вознемирена од тоа што се случува на Онкологија иако, да не заборавиме, уште пред две години ВМРО-ДПМНЕ даде некои информации во однос на некои такви случувања на Клиниката за онкологија. Уште тогаш институциите требаше да постапат по нашите укажувања – истакна потпретседателката на ВМРО-ДПМНЕ Гордана Димитриеска Кочоска во вечерашното гостување во „Интервју 24″ на Телевизија 24.

Таа додаде дека згрозени се сите, тоа е неспорно, и дефинитивно институциите треба да постапат, и дека е потребна сериозна кривична одговорност.

– Ова е уште еден доказ дека во државата никогаш не се реагира на време или, да кажеме, не до крај се испитуваат работите. Како резултат на тоа што ние пред две години сме кажале и никој не реагирал, во меѓувреме имало еден куп смртни случаи, а дел од нив можеби можеле да се спасат – рече Димитриеска Кочоска.

Таа истакна дека станува збор за многу сериозен случај каде институциите не само што треба да постапат туку за многу краток период треба да го решат случајот.

– Ние постојано зборуваме за корупција и криминал. Има корупција и криминал од различен тип, но ова е веќе нешто сериозно, тука зборуваме за на некој начин убиства на луѓе. Ако не постапувале онака како што им е лекарска обврска, да ги спасуваат луѓето, тука напротив, работеле спротивно на тоа за што дале заклетва – вели Димитриеска Кочоска.

Таа потенцираше дека нема полошо нешто од тоа да се прават политички поени или да се кажува дали некој бил во право или во криво, кога станува збор за човечки животи.

Таа заклучи дека секој еден кој згрешил пред законот треба да одговара кога станува збор за човечки животи.