Барањата за азил во ЕУ зголемени за 28 проценти

Бројот на мигранти кои поднеле барања за азил во Европската унија во првата половина од година е зголемен за 28 отсто во споредба со истиот период минатата година, покажуваат официјалните бројки објавени денеска.

Mеѓу јануари и крајот на јуни оваа година, имало 519.000 барања за азил во ЕУ и придружните земји Швајцарија и Норвешка, соопшти Агенцијата за азил на Европската унија (EUAA).

Европската унија е на пат да прими повеќе од еден милион баратели на азил оваа година, најголем број од 2015-2016 година кога забележа огромен прилив, главно Сиријци кои бегаат од војната во нивната земја.

Во 2015 година ЕУ прими 1,35 милиони барања за азил, а потоа во 2016 година имало 1,25 милиони повеќе барања.

Бројките се намалија во 2017 година, откако ЕУ склучи договор со Турција за да ги ограничи нерегуларните гранични премини, и за време на екот на пандемијата со коронавирусот во 2020 и 2021 година, кога беа воведени ограничувањата за патување.

Оттогаш, бројките се зголемија, при што во 2022 година е забележан пораст на апликациите за 53 проценти, ставајќи многу земји од ЕУ „под притисок“, соопшти EUAA.