Силните врнежи предизвикаа поплави во градовите Волос и Ламиа во централна Грција, како и на островите Крф и Скиатос кои се на удар на бурата „Даниел“ што од вчера ја зафати земјата. Невремето донесе обилни врнежи од дожд, молњи, засилен ветер и забележлив пад на температурата, јави дописничката на МИА од Атина.
Најголеми проблеми има во Волос, каде што голем дел од улиците се поплавени, а во прекин е и железничката линија што го поврзува градот со Лариса.
Еден човек беше пронајден мртов, а стотици куќи и патишта беа поплавени во пристанишниот град Волос, во централна Грција, до вторник наутро, по големото невреме во поширокиот регион, кои се очекува да трае и во наредните 24 часа.
Сточар бил згмечен од ѕид кој се урнал при поројниот дожд во областа Агиос Георгиос, соопшти Противпожарната служба, објави весникот Катимерини.
Стотици возачи останаа заробени во своите автомобили на улиците во местата Ламбраки, Димитријадос, Јасонос, Аргонафтон, Лариса и Атинон. Споредните патишта донесоа огромни количества дождовница од планината Пелион што одводната мрежа не може да ги апсорбира.
Властите, исто така, беа многу загрижени за зголемувањето на нивото на водата на 12-километарскиот поток Крафсидонас кој собира вода од Пелион и поминува низ неколку области на Волос пред да заврши на западната страна на пристаништето.
🇬🇷 [ GRÈCE ] ⛈️ ⛈️
Des #orages diluviens à Vólos, Thessalie
(05/09/23 📹 Αχιλλέας Μπέος) pic.twitter.com/rJ4M5aTtKF
— Alexandre (@alex_le_bars) September 5, 2023
Во вторникот наутро, нивото на водата се зголеми за три метри, ставајќи го во опасност соседната област Агиу Анаргири.
Подрумските простории на болницата Ахилопулио се наполнија со вода, а сите автобуски линии беа стопирани.
За невремето „Даниел“, министерот за цивилна заштита и климатски кризи на Грција, Василис Кикиљас вчера рече дека станува збор за „екстремен природен феномен“ и истакна дека е потребна внимателност од сите, како од властите така и од граѓаните.