Германски државјанин го веел знамето на Голема Албанија во Тетово

Дваесет и едногодишниот А.М., кој е германски државјанин, го веел знамето на „Голема Албанија“ на 11.08.2023 на плоштадот во Тетово, при посетата на косовскиот премиер Албин Курти, соопшти полицијата.

Како што се наведува во соопштението од МВР, Одделот за криминалистичка полиција – Сектор за општ и насилен криминал во содејство со СВР Тетово го расчисти кривично-правниот настан кој се случи на 11.08.2023 на плоштадот во Тетово, при посетата на косовскиот премиер Албин Курти, кога беше развиорено знаме на т.н. „Голема Албанија“, со што е сторено кривично дело по чл. 319 од КЗ.

„По преземени оперативно тактички мерки, утврден е идентитетот на лицето кое го сторило кривичното дело А.М. (21), кој е германски државјанин. Во координација со ОЈО Тетово, против лицето ќе биде поднесена кривична пријава по член 319 од Кривичиот законик до надлежното обвинителство за натамошно постапување“, се додава во соопштението од полицијата.