Митевски: Новата општинска зграда во Петровец чинеше 34 милиони денари издвоени од буџетот на општина

Општинската зграда е со големина од 700 метри квадратни, а за изградба на општинската зграда беа потребни 34 милиони денари издвоени од буџетот на општина Петровец. Јас сум горд што општина Петровец не е должна ниту еден денар, посочи Борче Митевски, градоначалник на општина Петровец.

„Реализирани се голем број на проекти. Во изминативе само два три месеци завршивме темелна реконструкција на училиштата во Горно, Средно и Долно Коњаре, асфалтиравме пат за населеното место Брезица во должина од 700 метри, поставивме камен темелник на нова детска градинка со капацитет за 70 деца со што го решаваме проблемот на  родителите за згрижување на нивните деца.

Ќе продолжиме и понатаму да работиме на реализација на крупни проекти бидејќи општина Петровец тоа го заслужува. Не случајно општината е прогласена за најпросперитетна општина, не случајно општина Петровец е број еден општина по влез на странски и домашни инвестиции. Ние за две години имаме 27 нови инвеститори. Ќе продолжиме да ги подобруваме условите за живот во нашата општина бидејќи тоа жителите го заслужуваат. Со изградба на оваа прекрасна општинска зграда ги подобруваме условите за работа општинската администрација, а со самото тоа ги подобруваме и услугите што ќе ги даваме на граѓаните“, истакна градоначалникот.