Во Арачиново загубите на електрична енергија во изминатиот период биле сведени на ниво од 10 отсто, во Липково ќе бидат под 10 отсто, а Скопје со 20 проценти е регион со најголеми загуби на електрична енергија, изјави директорот на ЕВН Електродистрибуција, Сашо Салтировски. Тој информираше дека до крајот на декември сите достапни броила на ЕВН ќе бидат сетирани за евтина дневна тарифа. Дел од броилата се т. н. смарт броила и тие ќе бидат сменети преку ноќ и веќе од 1 декември околу 200. 000 корисници ќе имаат евтина струја.
-Арачиново во јуни и јули има загуби од 10 проценти, тоа е на ниво на технички загуби и едно од наниските на ниво на цела Македонија. Слупчане проектот веќе се привршува, а Општина Липково ќе биде првата општина во Македонија целосно покриена со смарт-броила и со загуби под 10 проценти, информираше Салтировски.
Според него, струја повеќе се краде во руралните, а помалку во урбаните средини, додека етничкиот состав на населението не играло голема улога.
-Скопје со 20 проценти е регион со најголеми загуби на електрична енергија, а морам да кажам дека Тетово има помалку загуби отколку Битола. Не е тоа поврзано етнички. Секаде каде што нема колективни згради, каде што средините се порурални, како Лисиче и Драчево, загубите се поголеми, додаде тој.
Салтировски ги замоли граѓаните да им бидат достапни броилата, за како што рече, да можат нивните читачи да ги прочитаат, бидејќи во текот на читањето се прави сетирањето на броилата.
-Сите оние броила што ќе бидат достапни ќе бидат сетирани во текот на декември, а колку вкупно броила ќе бидат сетирани ќе зависи од достапноста на броилата. Во викенд куќи не можеме да се сетира броилото ако куќата е затворена. Ако луѓето се на работа, а не се дома, а броилото е внатре не можеме да го сетираме. Во Арачиново броилата се надвор и таму со сигурност ќе бидат сетирани затоа што во изминатиов период тој проект е завршен, појасни Салтировски.
Министерот за економија Крешник Бектеши потсети дека одлуката за воведување на евтина дневна тарифа на електричната енергија ја носи Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ) кое е независно тело.
-Воведувањето на дневна евтина тарифа е поврзано со производството, со капацитетот на ЕСМ за да произведува струја во тие пикови. Согласно анализите кои се направени одлучивме сите заедно евтина дневна тарифа да биде воведена на 1 декември, изјави Бектеши и ги повика граѓаните кои сакаат да имаат евтина дневна тарифа од 1 декември да им дозволат пристап на службите на ЕВН до броилата за да можат да интервенираат.
И директорот на Бирото за метрологија, Авдуљ Сељам Селами рече дека во моментов се врши верификација на електричните броила и по констатација дека грешките се во граница на максимална точност се става жиг дека се проверени. Тој ги повика сите граѓани кои се сомневаат за точност на електричните броила да се обратат во Бирото.