Г20 ќе ѝ даде на Африканската унија ист статус како и на Европската унија

Земјите од групата Г20 се согласиле да ја прими Африканската унија како постојана членка, објави агенцијата Bloomberg News во четвртокот повикувајќи се на извори запознаени со темата.

Овој потег на Африканската унија, континентална организација од 55 држави членки, ѝ го дава истиот статус како и на Европската унија, во однос на нејзиниот актуелен статус „повикана меѓународна организација“, се додава во агенциската информација.

Индискиот премиер Нарендра Моди, им предложил на челниците на земјите од Г20 во писмо од јуни Африканската унија да добие полноправно и постојано членство во блокот на претстојниот самит во индиската престолнина Њу Делхи.

Групата Г20 во моментов се состои од 19 држави и Европската унија.

Г20 годинава покани девет земји кои не се членки на групата, меѓу кои Бангладеш, Сингапур, Шпанија и Нигерија, како и меѓународни организации како Обединетите нации, Светската здравствена организација, Светската банка и Меѓународниот монетарен фонд кој ќе се одржи претстојниот викенд во Индија.

Се очекува дека челниците на групата Г20 оваа одлуката за приемот на Африканската унија ќе ја објават на самитот, наведува Bloomberg News.

Групата Г20 е меѓувладин форум на најразвиените и економиите во развој. Членките претставуваат околу 85 отсто од глобалниот бруто домашен производ (БДП), повеќе од 75 отсто од глобалната трговија и околу две третини од светското население.