Почнува реставрацијата и реконструкција на црквата во манастирот во село Матејче, објави денеска пратеникот во Собранието, Мартин Костовски на социјалните мрежи.
– Со средства од Владата и Министерството за култура ветеното станува реалност, да сјае повторно овој бисер на православието. Со искрена политика на соживот, со квалитетни политики се надевам во блиска иднина ќе успееме да изградиме и пат до манастирот и повторно на викенд сите кумановци во Матејче, напиша Костовски.
Кумановци со голем интерес ја следат секоја најава на надлежните институции за заштита на манастирот во Матејче. Активисти од градот, со години алармираа за исклучително лошата состојба на манастирот која се влошуваше секоја година, по воениот конфликт 2001. Претходно, комплексот во кој имаше и детско одморалиште сместено во прекрасната природа во општина Липково, беше омилено место за рекреација на учениците и граѓаните од Куманово.
Манастирот, последниве години често беше мета на вандалски однесувања и последно беше откорнато оловото од покривот, по што реагираа и од кумановско-осоговската епархија.
Храмот посветен на Богородица, лоциран над селото Матејче, е еден од најрепрезентативните споменици на византиската уметност на македонска почва. Сместен е на планинскиот масив на Скопска Црна Гора, манастирот ги отсликува врвовите на средновековната ликовна продукција на македонската територија. Манастирската црква е изградена во XIV век од страна на цар Душан, а по неговата смрт, неговата сопруга Елена и неговиот син Урош ја доградиле и живописале.
Претходните години надлежните институции одвоија средства во годишната програма за проекти зд областа на заштитата на недвижното наследство. Во 2021 година НУ Национален конзерваторски центар беше одобрен и е проект за заштитни интервенции на архитектурата и ѕидното сликарство на црквата во Матејче во износ од 1.000.000 денари.
Во текот на 2020 година на барање на надлежната установа НУ Национален конзерваторски центар беа одобрени 300.000 денари за реализација на ургентни превентивни интервенции на црквата Успение на Пресвета Богородица во манастирот Матејче.