Ѓоковиќ во Њујорк дојде до рекордната 24-та Грен слем титула

Најуспешниот тенисер на сите времиња, 36-годишниот Србин Новак Ѓоковиќ, ја освои својата 24.-та Грен слем титула победувајќи го Русинот Данил Медведев во финалето на УС Опен со 6-3, 7-6 (5) 6-3 и така според бројот на поединечни Грен слеми трофеи се израмни со Австралијката Маргарет Корт.

Во своето десетто финале во Њујорк, Ѓоковиќ стигна до својот четврти трофеј (2011, 2015, 2018, 2023 година) и стана најстариот победник на последниот Грен слем турнир во една сезона во Опен ерата (од 1969 година), надминувајќи го Австралиецот Кен Роузвол кој ја освои титулата во 1970 година на 35-годишна возраст.

Српскиот тенисер на тој начин на најдобар начин го означи своето враќање на врвот на поединечната АТП ранг листа од каде го истисна младиот Шпанец Карлос Алкараз.

Ѓоковиќ силно влезе во финалната пресметка со 27-годишниот Русин, добивајќи ги првите три гема и покажаувајќи дека нема да се повтори 2021 година, кога токму Медведев му ја „украде“ можноста да стане првиот тенисер по Род Лејвер со освоени сите четири Грен слем титули во иста календарска година.

Стекнатата почетна предност Ѓоковиќ ја претвори во освојување на првиот сет, што во неговиот случај на УС Опен најчесто се претвора во конечен триумф. Имено, тој е поразен само еднаш во 73 меча во Њујорк откако го освои првиот сет, а тоа му се случи во финалето во 2016 година против Швајцарецот Стен Вавринка.

За конечниот исход на дуелот клучен се покажа вториот сет во кој и двата тенисера покажаа највисоко ниво на тенис. Во осмиот гем од вториот сет Медведев ја имаше првата можност за ’брејк’ на мечот, но не ја искористи. Тој имаше уште поголема шанса при 6-5, кога „брејк топката“ воедно беше и сет-топка. Имаше отворена паралела да го мине Ѓоковиќ на мрежата, но се одлучи за дијагонала, при што Ѓоковиќ беше подготвен чекаше и поенот го заврши со волеј.

Русинот одлично го отвори тај-брејкот, поведе со 3-1, но не можеше да го задржи водството. При 6-5 за Ѓоковиќ испрати бекхенд во мрежата и заостана два сета по два ипол часа игра.

Во четвртиот гем од третиот сет, српскиот тенисер по вторпат го одзема сервисот на противникот во мечот и се чинеше дека има отворен пат до победата. Сепак, Медведев не се предаде, туку во следниот гем ги искористи бројните грешки на Ѓоковиќ и стигна до првиот „брејк“ на мечот. Кратко траеја надежите дека ќе има можност за пресврт, бидејќи Медведев одигра многу лош гем и повторно му донесе брејк предност на Ѓоковиќ, која Србинот ја потврди и поведе со 5-2.

Медведев со сервис го принуди Ѓоковиќ да дојде до победата. При 30-30, Русинот ја промаши бекхенд паралелата и му ја даде првата меч-топка на противникот, а по три часа и 17 минути, кога Русинот упати форхенд во мрежата, славеше Ѓоковиќ.

Откако ја сподели радоста со сите во својата ложа, Ѓоковиќ повторно се врати на теренот и за доделувањето на трофејот облече маица со број 24 на задната страна и натпис „Мамба засекогаш“ на предната страна, како почит на трагично загинатиот кошаркарски великан Коби Брајант.

Даил Медвједев ја пропушти шансата во вториот сет и по четврти пат во пет финалиња на Грен-слем турнирите, а вторпат во Њујорк заврши само со утешна награда.