Вработените во Печатница Напредок принт и Напредок 1 кои преку Просветно дело се ангажирани за издавање на дел од учебниците за средно образование за државните институции и кои што подолг временски период го печатат Службен весник веќе 2 месеци немаат добиено плата од страна на работодавачот (управителот), соопштија од ССМ.
„Со тоа се загрозува навременото печатење на учебниците како и на Службениот весник со што покрај тоа што се нанесува штета кон вработените со неисплаќањето на платите, ќе се нанесе штета и на образовниот процес како и на редовната објава на сите службени акти во Службениот весник.
Работниците веќе со години немаат навремено здравствено осигурување, а 80% од нив се над 50 години старост и лекувањата ги плаќаат на приватно.
Управителот на Печатниците, иако наплаќа државни пари, пари од граѓаните и од даноците, не исплаќа редовно плата ниту пак здравствено осигурување кон вработените, а што во изминатиот период по пријави на ССМ е констатирано брзо и ефикасно и од страна на Државниот инспекторат за труд.
Државните институции веднаш да преземат мерки за да не се доведе во прашање печатење на учебниците како и на Службениот весник поради тоа што работниците се спремни да ги преземат сите чекори и преку протест и евентуален штрајк да го остварат ова егзистенцијално работничко право на плата и со тоа да си овозможат подостоинствен живот за себе и за своите семејства, а Сојузот на синдикатите на Македонија заедно со Синдикатот ССДМ при ССМ ќе застанат со работниците и ќе им ја дадат целосната поддршка во борбата за остварување на нивните права од работен однос.