Двајца загинати во вооружени судири меѓу мигранти во Војводина

Речиси 400 мигранти беа откриени и однесени во прифатни центри во голема полициска акција на северот на Војводина по новиот вооружен инцидент и откритието дека едно лице загинало во претходна пресметка во центарот на Суботица, објавија во вторник регионалните медиуми во Војводина.

„Нов во низата вооружени конфликти се случи во градот Хајдуково кај Суботица. Во синоќешната престрелка повредени се тројца мигранти, а откако полицијата излегла на терен било пронајдено едно безживотно тело. Големи групи мигранти, но и престрелки, станаа речиси секојдневие во ова село“, објави Радиотелевизија Војводина (РТВ).

Мртвото лице е пронајдено во пограничната зона со Унгарија, во шумата кај Хајдуково. Истрагата ја спроведе Вишото јавно обвинителство во Суботица и смртта е оквалификувана како убиство, соопшти српското Министерство за врантрешни работи, пренесуваат медиумите.

Во акцијата се пронајдени и три автоматски пушки, една полуавтоматска пушка и еден пиштол, два генератора, како и 25 пасоши и 12 лични карти.

Големо внимание привлече и веста дека еден учесник во вооружениот конфликт што се случил на 8-ми септември на паркингот во трговскиот центар „Lidl“ во центарот на Суботица, кој во вторникот починал од повредите.

Од Министерството за внатрешни работи најавуваат дека од среда во Суботица ќе патролира и Жандармеријата.

„Нашата цел е мигрантите да бидат таму каде што им е местото, во прифатните центри, а тие што се движат да се движат со законска документација, а бројот на конфликтите меѓу мигрантите да се сведе на минимум“, рече помошникот директор на српската полиција Драган Васиљевиќ.

Наведе дека во полицска акција првпат одреден број мигранти, таканаречени извидувачи, е пронајден во крошните на дрвјата, како и дека полицијата ги прилагодува своите мерки и активности кон нивните дејствија.

„Можам да им порачам на граѓаните дека можат да бидат максимално спокојни и безбедни на целото подрачје на Република Србија“, рече Васиљевиќ.

Ова е последен во низата вооружени инциденти меѓу мигрантите што се случија последните години на северот на Војводина, во близина на унгарската граница, поради што владее огорченост и загриженост кај локалното население во пограничните градови.

Полицијата на 1. август спроведе и акција за сузбивање на илегалната миграција на северот на Војводина, кога пронашла околу 300 мигранти и запленила поголема количина оружје и муниција.