Украина најавува тужби за Полска, Унгарија и Словачка

Украина планира да ги тужи Полска, Унгарија и Словачка поради забраните за украинските земјоделски производи, изјави денеска украинскиот трговски претставник Тарас Качка за „Политико“.
Ограничувањата воведени од ЕУ во мај им дозволија на Полска, Бугарија, Унгарија, Романија и Словачка да ја забранат продажбата на украинска пченица, пченка, семе од репка и сончоглед на нивната територија, иако дозволија транзит на таков товар за извоз на друго место.

Сепак, имајќи предвид дека Европската комисија одлучи да не ја продолжи забраната за увоз во пет соседни земји на Украина; Полска, Словачка и Унгарија во петокот објавија свои ограничувања на увозот на жито од Украина. Варшава, Братислава и Будимпешта наведуваат дека дејствуваат во интерес на нивните економии и дека со овој потег сакаат да ги заштитат своите земјоделци.

„Важно е да се докаже дека овие постапки се правно погрешни. Затоа утре ќе започнеме правна постапка“, рече Качка и додаде дека Украина би можела да воведе реципрочни мерки кон Полска доколку Варшава не се откаже од оваа одлука.

„Тогаш би биле принудени да возвратиме со дополнителни производи и би забраниле увоз на овошје и зеленчук од Полска“, рече тој.