Министерот за внатрешни работи на Косово, Џелал Свечља, изјави дека фрлањето на воената рачна граната синоќа на северот на земјата било извршено по наредба на претседателот на Србија, Александар Вучиќ, јави дописникот на МИА од Приштина.
Свечља на својата страница на Фејсбук напиша дека криминалниот чин е извршен во знак на револт поради апсењето, минатиот вторник, на тројца Срби обвинети за воени злосторства.
-Инспирацијата, поддршката и нарачката за овој криминален чин дојде од поранешниот министер за пропаганда во времето на (Слободан) Милошевиќ, Александар Вучиќ. Србија изврши геноцид во Косово. Србија на чело со Вучиќ не само што не го прифаќа овој факт, туку ги велича воените злосторници. Доказ за нејзиниот непроменет став е самото планирање на чинот на фрлање на гранатата, напиша Свечла.
Тој порача дека злосторствата извршени за време на војната во Косово ќе се гонат до крај, додека фрлањето воени рачни бомби од криминалните групи не може да ја одврати правдата.
– Од надлежните единици на косовската полиција, по долготраен ангажман и со основани сомнежи, уапсени се тројца српски граѓани за злосторства извршени врз цивилното население за време на војната во Косово. Истите се осомничени дека биле соучесници во тортури, ранувања, убиства, депортации и масакри врз Албанци во Вучитрн, во околните села и во затворот Смрековница. Во знак на револт поради апсењето на овие лица, како порака до нашата правда и со цел да предизвикаат терор кај нашите граѓани, криминалните групи синоќа фрлија воена рачна граната, напиша Свечла.
И покрај тоа, порача првиот косовски полицаец, „Косово ќе биде правна држава, на еднакви граѓани каде еднаквоста и просперитетот ќе бидат загарантирани за сите“.
Косовската полиција денеска соопшти дека во населбата „Бошњачко маало“ во Северна Митровица, синоќа, нешто пред полноќ, експлодирала рачна граната, која предизвикала само материјална штета.