Треба да се изгаси малигниот пожар, чија цел е да се прошири и во регионот, вели Ахмети за случувањата во Косово

Претседателот на ДУИ, Али Ахмети, преку напис на социјалните мрежи нападот во Косово го квалификува како сериозна провокација и, според него, тој може да има и регионални последици.

„Убиствениот напад врз Косово и полицијата во земјата е напад врз мирот, стабилноста и безбедноста на целиот регион“, пишува Ахмети.

„Најостро ги осудувам нападот врз косовската полиција и убиството на полицаецот, како и ранувањето други лица утринава на северот од Косово“, додава лидерот на ДУИ.

Таквата, како што ја нарекува сериозна провокација, според него, е намерна со однапред одредена агенда, затоа порачува дека треба да се управува со ладнокрвност и мудрост бидејќи последиците може да бидат регионални врз мирот и стабилноста.

„Овие случувања се неприфатливи и координацијата и соработката со меѓународната заедница, гарантирајќи го мирот и независноста во Косово, се неопходни и итни.
Потребна е итна акција за гаснење на малигниот пожар, кој има цел проширување и вклучување на регионот.
Изразувам искрено сочувство до семејството на жртвата и брзо закрепнување на повредените“, пишува Ахмети на „Фејсбук“.