Досега се издадени 31.187 патни исправи на наши граѓани во странство

Министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, за време на работниот престој во Љубљана, Република Словенија, ја посети Амбасадата на Република Северна Македонија во Љубљана, каде што оствари посета на конзуларното одделение во амбасадата, со цел увид на процесот на сликање и издавање на патните исправи, како и делење на пасоши на сонародниците – иселеници.
Во оваа прилика Спасовски информираше за процесот на издавање на патните исправи во Љубљана, а во врска со проектот за базни станици со поднесување барања за издавање на патни исправи преку дипломатско-конзуларните преставништва, кој започна кон крајот на 2021 година, во соработка со Министерството за надворешни работи.

„Од 2023 година од јануари до септември заклучно со 15.09.2023 година издадени се вкупно 11.415 патни исправи. За овој период само во Љубљана издадени се 870 патни исправи”, информираше тој, додавајќи дека од самото започнување на проектот со издавање на патните исправи согласно новото упатство издадени се вкупно 31.187 патни исправи.

„Од октомври 2021 година до 31.12.2022 година издадени се вкупно 19.772 патни исправи, а само во Љубљана издадени се 1182”, рече Спасовски, изразувајќи го задоволството што целокупниот процес од поднесување на барање до изготвување на патните исправи трае од 15 до 30 дена.

„Нашата цел беше создавање на вистински сервис за граѓаните, ефикасен и економичен одговор на нивните потреби, а на мое големо задоволство, успеавме да ја оствариме, со сериозно кратење на времетраењето на процедурите, кои досега траеја од четири до пет месеци, и тоа со големи трошоци. Сега веќе овозможуваме прием на барањата за патни исправи во дипломатско-конзуларните претставништва и нивно процесирање на дневна основа, со проверка на податоците во реално време”, кажа Спасовски.