Џесика Хокинс првата жена која тестираше болид во Формула 1 по пет години

Џесика Хокинс стана првата жена по речиси пет години која тестираше болид во класата Формула 1, објави во вторникот тимот чиишто седиште е во Силверстоун.

Минатиот четврток, 28-годишната Британка, поранешна британска шампионка во картинг која се тркаше во сега веќе непостоечката женска тркачка серија, возела тркачки болидл Астон Мартин на патеката Хунгароринг во близина на Будимпешта.

Хокинс била ангажирана и како каскадер во филм за Џејмс Бонд, а на Хунгароринг извозела вкупно 26 кругови. Во автомобилот, таа се менувала со бразилскиот пробен возач и резерва Фелипе Другович.

„Потребни беа многу крв, пот и солзи за да се стигне до овде“, рече Британката за, како што рече, остварување на сонот.

„Ништо не се споредува со забрзувањето и сопирањето на Формула 1 болидот и, откако ги погледнав податоците, навистина сум горда на моите перформанси“, додаде таа.

Во Формула 1, жена возач не стартувала на Гран При уште од Италијанката Лела Ломбарди во 1976 година, но бројни жени тестираа болиди. Последната возачка кој тестираше болид пред Хокинс беше Колумбијката Татјана Калдерон со Заубер, сегашниот тим на Алфа Ромео, на патеката „Херманос Родригез“ во Мексико Сити во октомври 2018 година.