Првата Британска бизнис асоцијација (ББА) во државава, организација чија цел е унапредување на трговските врски со Обединетото Кралство, застапување на интересите на британските компании во земјава и останати компании кои имаат британски бизнис интереси, денеска беше промовирана во Амбасадата на Велика Британија во Скопје. Основачи на Асоцијацијата се компаниите Џонсон Мети и Сопро и рудникот САСА.
-Северна Македонија е најголемиот трговски партнер на Обединетото Кралство во Западен Балкан. Го цениме ова партнерство и ќе продолжиме да ја надградуваме оваа успешна приказна и да ги зајакнуваме нашите трговски врски. Како силен партнер и близок пријател заинтересирани сме и подготвени да бидеме ваш претпочитан трговски и инвестициски партнер преку нашите индустриски способности, инвестициски екосистем и владина поддршка. Британските бизниси застапуваат транспарентност, одржливост, иновација, соработка и партнерство, а токму целта на ББА е да ги промовира овие вредности во рамките на македонското деловно опкружување во тесна соработка со сите чинители, рече британскиот амбасадор Метју Лосон на промоцијата на Асоцијацијата.
Нагласи дека формирањето на ББА е пресвртница во одбележувањето на, како што рече, силните трговски односи меѓу двете земји во годината кога се одбележуваат 30 години од воспоставувањето на дипломатските односи.
-Од потпишувањето на договорот за партнерство, трговија и соработка меѓу двете земји на 3 декември 2020 година Амбасадата ги разгледува можностите за идно поддржување на растот на трговските односи. Продолжуваме активно да ја покажуваме стручноста и способноста на британската индустрија на релевантните проекти и засегнатите страни во земјата и регионот, ја промовираме Британија како повластен трговски и инвестициски партнер во Северна Македонија и го промовираме Министерството за гарантирање на извозните кредити на Обединетото Кралство како активен партнер во финансирањето на развојните проекти во земјата и поттикнувањето на нашата билатерална трговија, рече Лосон и додаде дека во нивниот фокус е инфраструктурата, енергијата, рударството, одржливиот развој, здравството, безбедноста и одбраната.
Посочи дека Обединетото Кралство е светски лидер во многу сектори и дека се подготвени да го поддржат натамошното проширување на комерцијалните односи меѓу британските и македонските компании.
Во одговор на новинарско прашање посочи дека има и други британски компании заинтересирани за инвестиции во земјава и додаде дека ќе ги охрабри да дојдат и да инвестираат.