АХВ со поддршка на глобалната кампања за одбележување на 28 Септември – Светскиот ден на борба против беснило

Агенцијата за храна и ветеринарство и годинава се приклучува со поддршка на глобалната иницијатива за одбележување на 28 Септември – Светски ден на борбата против беснило, кој под мотото ,,Сите за еден, едно здравје за сите,, се надоврзува на успехот на концептот „Едно здравје“ од 2022 година. Фокусот е ставен на соработката, еднаквоста и зајакнувањето на здравствените системи во борбата со беснилото, за постигнување на глобалната цел – нула човечки смртни случаи од беснило пренесено од кучињата до 2030 година (# ZeroBy30).

-Светскиот ден на борба против беснило е можност како институција да потсетиме дека борбата против оваа болест не е и не смее да биде само еден ден, туку да продолжи да се спроведува како и досега, континуирано и мултисекторски. Поддржан од Организацијата за храна и земјоделство на Обединетите нации (ФАО), Светската организација за здравје на животните (WOAH) и Светската здравствена организација (СЗО), Форумот Обединети против беснило, преку концептот Едно здравје и годинава ги обединува и координира владите, производителите на вакцини, истражувачите, невладиниот сектор и развојните партнери секој, од својот домен на интерес да го вложат максимумот во остварувањето на глобалната цел – Нула смртни случаи од беснило до 2030 година, бидејќи за жал, се уште во светот на секои 9 минути од оваа болест умира по едно лице или околу 59 илјади луѓе со светски рамки – вели Николче Бабовски, директор  на Агенција за храна и ветеринарство.

Фокусoт на светската кампања годинава ставен e на соработката и вакцинацијата, како основи на кои се темели борбата против беснилото и во земјава. Токму на нив и во изминативе години се реализираа активностите на Агенцијата за храна и ветеринарство во борбата против оваа болест која е еднакво опасна и за животните и за човекот.

-За среќа, во Република Северна Македонија во однос на оваа болест епидемиолошката состојба е стабилна. Од последните евидентирани случаи на беснило во 2012 година, кај мачка во радовишкото село Аргулица и кај волк во кочанското село Главовица, во  земјава нема беснило. Како одговорна институција, навреме ги преземаме потребните мерки за контрола на состојбата. Во моментов, во тек е спроведувањето на информативна кампања Стоп Беснило, која се реализира на 12 локални радио станици со емитување на едукативни радио спотови за препознавање на болеста и пријавување на сомнителни случаи. Во рамки на оваа кампања на АХВ, подготвени  се и постери и флаери – потенција Бабовски.

Тој додава дека заради подобрување на пасивниот надзор на болеста од страна на граѓаните и ловните друштва, потребно е да ги пријават сите случаи на сомнеж при пронаоѓање на угинати диви животни, пред се лисици, но, и каснување од домашните миленици и бездомните кучиња со цел да се спроведе официјален надзор и тестирање на беснило.

Во однос на дивата популација, почнувајќи од 2011 година, со поддршка на Европската унија, Агенцијата за храна и ветеринарство спроведе 19 кампањи на орална вакцинација на лисиците. Оваа година спроведени се 2 кампањи, во јануари и во мај. Според планираното, есенва ќе се спроведе уште една кампања за орална вакцинација на лисиците против беснило, со авионско фрлање на мамки на целата територија на земјава.

-Како прв човек на Агенцијата за храна и ветеринарство, институција одговорна за безбедноста на храната и здравствената заштита на животните, но, пред се како ветеринар и љубител на животни, до граѓаните апелирам да бидат одговорни сопственици. Чувањето на милениците, не значи само обврска за обезбедување дом и храна за нив, туку и посветено водење сметка за нивна здравствена заштита. Примарно е милениците да се микрочипираат и да се вакцинираат против беснило, обврска која треба да се спроведува секоја година и со која ќе се обезбеди здравје и заштита од беснилото на милениците, но и на семејството и општеството во целина – заклучува Бабовски.