Денеска ќе бидат погребани убиените Срби во Бањска, резултати од обдукцијата за 15 дена

Тројцата Срби убиени минатата недела во Бањска, чии тела беа донесени вчера по седум дена од Институтот за судска медицина во Приштина, денеска ќе бидат погребани, објави Новости.рс.

Стефан Недељковиќ (33) од Звечани ќе биде погребан во Врњачка Бања. Стотина граѓани утринава се собраа да му оддадат почит и последно збогување, додека вчера се собраа роднините и пријателите да му изразат сочувство на семејството и да бидат со нив во тешките моменти.

Овој татко на три девојчиња, како што велат соседите, бил врвен спортист, ведар и комуникативен, поради што жителите на Звечани истакнуваат дека останале без исклучителен сосед и пријател, а семејството без син, сопруг и татко.

Бојан Мијаиловиќ (31) од Лепосавиќ, кој пред неколку месеци стана татко по вторпат, денеска ќе биде погребан на Новите гробишта во Лепосавиќ, додека Игор Миленковиќ (50) ќе биде испратен во вечното почивалиште во селото Граничане, во близина на Лепосавиќ.

И додека семејствата и пријателите но и жителите на северот тагуваат по тројца нивни соседи, познаници, сограѓани, Институтот за судска медицина во Приштина вчера соопшти дека резултатите од обдукцијата ќе бидат готови за петнаесетина дена.

Инаку, во минатонеделниот конфликт во Бањска загинаа тројца Срби и еден припадник на косовската полиција.

Еден ранет Србин, по операција на ногата, сѐ уште е во приштинската болница каде што бил сослушан и тој, како и двајца други уапсени Срби, доби едномесечен притвор, додека четири лица се ослободени поради недостиг на докази.