Гервала-Шварц: Можна е нова војна на Балканот

Косовската министерка за надворешни работи Доника Гервала-Шварц во понеделникот во разговор за германските медиуми предупреди на можноста од нова војна на Балканот.

„Доколку меѓународната заедница продолжи да ги толерира акциите на Србија, ќе има нова војна“, изјави Доника Гервала-Шварц во интервју за јавниот сервис Deutschlandfunk и побара од меѓународната заедница да преземе мерки против Србија.

„(Српскиот претседател Александар) Вучиќ ќе се запре само доколку ЕУ воведе санкции против Србија. Исто така, треба да се закани со замрзнување на преговорите за членство во Европската унија доколку Белград не ги предаде одговорните за настаните од пред осум дена и не се откаже од нападите на Косово и сите други земји во регионот“, рече косовската министерка за надворешни работи и вицепремиерка.

Гервала-Шварц вели дека Србија сака да „создаде нови факти“ за да го принуди Косово да се согласи на територијални отстапки на преговорите во Брисел.

„Среќа е што обидот пред осум дена не успеа, но кој знае што носи иднината… Целта на Белград е да окупира дел од територијата на Косово. Ова не е првпат Вучиќ да ја стационира војската на границата со Косово“, тврди Гервала-Шварц.

Истовремено, германските медиуми јавуваат дека косовската влада во понеделникот презентирала видео снимка со која се докажува дека терористичката група која го нападна Косово на 24. септември и уби полицаец уживала логистичка поддршка од српските државни институции.