Инвестициите во производство на електрична енергија во Кина би можеле да надминат 13,7 трилиони долари до 2060-та

Кинеските инвестиции во енергетскиот сектор би можеле да надминат 100 трилиони јуани, односно 13,7 трилиони американски долари, во периодот од 2020 до 2060 година, објави во понеделникот новинската агенција Xinhua, повикувајќи се на операторот на електричната мрежа „State Grid“.

Временската рамка за инвестициите е во согласност со ветувањето на претседателот Кси Џинпинг за намалување на емисиите на стакленички гасови во Кина, вклучително и јаглерод диоксид, „нето на нула“ до 2060 година. Истражувачите велат дека оваа цел, доколку виде постигната, може да го ублажи веројатниот пораст на температурата на Земјата овој век за 0,2 до 0,3 степени Целзиусови.

Во 2020 година, Кси вети и дека емисиите на јаглерод во Кина ќе го достигнат својот врв до 2030 година. Втората по големина економија во светот е одговорна за околу 30 отсто од глобалните емисии на јаглерод диоксид.

„Енергетските активности се главниот извор на емисиите на јаглерод диоксид во Кина“, цитира Xinhua од неодамна објавената книга „State Grid“.

Планираниот пик на штетни гасови на крајот на деценијата и неутралноста на јаглеродот во 2060 година бараат забрзана транзиција кон чисти и нискојаглеродни извори на енергија, истакнуваат од „State Grid“.

Инвестициите на големите енергетски компании во Кина минатата година изнесуваа 1,25 трилиони јуани, објави официјалниот сервис „China News Services“ во август, цитирајќи податоци од „China Electric Power Construction Enterprise Association“.

Инвестициите во производството на соларна енергија се зголемиле за повеќе од тројно на 286,6 милијарди јуани. Кина има цел да произведува една третина од својата енергија од обновливи извори до 2025 година, во споредба со 28,8 отсто во 2020 година, објави минатата година државната агенција за планирање.

Во рангирањето на 40-те водечки светски пазари за обновливи извори на енергија што го состави оваа година консултантската куќа EY, Кина се најде на третото место, зад САД и Германија, во однос на атрактивноста за инвестирање во обновливи извори на енергија и можности за развој.

Во јули, владејачката Комунистичка партија објави дека ќе го забрза темпото на реформите во електроенергетскиот систем за намалување на емисиите на јаглерод. Проблемите вклучуваат протекционизам на локалната власт и лоша координација, како и долгорочни договори за трговија со електрична енергија.