Со изборот на Јован Шкемби од страна на Советот на општина Поградец, за член на Советот на Округот Корча, Македонците во советот на овој округ сега имаат тројца свои претставници.
Шкемби, како претставник на МАЕИ, претходно даде свечена заклетва на седницата на Советот на Општина Подградец со што и официјално стана член на советот.
-Партијата Македонска алијанса за европска интеграција во Советот на округот Корча има двајца свои членови, генералниот секретар Таќо Гроздани, како претставник на Советот на Општина Пустец и членот на Централниот комитет Јован Шкемби, како претставник на Советот на Општина Подградец. Исто така, член во Советот на овој округот е и градоначалникот на Општина Пустец, Пали Колефски, информираше Васил Стерјовски, претседател на МАЕИ.
Советот на округот Корча, брои 24 советници од 6 општини Корча, Подградец, Колоња, Пустец, Малиќ и Девол.
На локалните избори што се одржаа на 14 мај годинава македонската партија беше во коалиција со Социјалистичка партија и свои кандидати имаше на кандидатската листа на Социјалистите, освен за општина Пустец каде настапи самостојно, но го поддржа кандидатот за градоначалник предложен од Социјалистичката партија.
Јован Шкемби (69) е роден од селото Церје, Мала Преспа, дипломирал на Земјоделскиот факултет во Тирана во 1977 година, а живее во Поградец. Тој е член на Централниот комитет на МАЕИ и истакнат активист на македонската заедница во Албанија.