Народниот правобранител и здравствениот инспекторат најавија постапка по случајот во „Демир Хисар“ со 17-годишното момче со аутизам

Институцијата Народен правобранител ќе поведе постапка за случајот со 17-годишно момче со аутизам, за кое претходно во медиумите беше објавено дека било врзувано и имало рани по телото во Психијатриската болница во „Демир Хисар“, откако неговата мајка објави фотографии за неговите повреди и ја обелодени јавно случката со синот.

Васка Бајрамовска Мустафа, државниот советник на Народниот правобранител изјави дека случајот ќе го отворат самоиницијативно и ќе ги преземат сите мерки за негово расветлување.

„Бараме од надлежните органи да вршат надзор над работата на институциите и секако да побараат соодветни информации за сознанијата изнесени до родителите преку медиумите за начинот на кој се однесувало со детето додека било сместено“, рече Бајрамовска.

Претходно денес и Државниот санитарен и здравствен инспекторат најави дека ќе изврши надзор во психијатриската болница..

Министерот за здравство Фатмир Меџити и директорката на болницата вчера изјавија дека детето болно од аутизам, било лекувано согласно протоколите и било врзувано само кога било опасно за себе и за другите.

Од Хелсиншкиот комитет за човекови права и Македонското здружение на млади правници реагираа за случајот со 17-годишно момче. Во  соопштението на Хелсиншкиот комитет за човекови права објавено на нивнатата официјална страна, стои дека во следниот период ќе спроведат мониторинг посети во сите психијатриски установи во нашата земја.

„Ова ја покажува крајно загрижувачката состојба во психијатриските болници, особено кога се работи за насилство и несоодветно и нехумано постапување кон пациентите. Шокантни се сознанијата дека со луѓето се изложени на крајно нехуман третман што е спротивно на сите меѓународни принципи и стандарди, закони и меѓународни конвенции.Нехуманото постапување и малтретирање на пациентите во болницата во Демир Хисар го нотираше Европски комитет за спречување на тортура и нечовечки или понижувачко постапување или казнување (CPT)во извештајот за Република Северна Македонија: „Комитетот мора да ја изрази својата сериозна загриженост за веродостојните наводи од пациенти на различни одделенија кои биле врзувани за кревет со метални синџири и катанци. Таква практика не е прифатлива и се смета за нечовечко и понижувачко постапување“, се вели во реакцијата на Хелсиншкиот комитет и Македонското здружение на млади правници за случајот во Психијатриската болница во Демир Хисар“, стои во соопштението.