Владата, на денешната седница, го разгледа Записникот од седница на Управувачкиот комитет за координација и управување во системот на управување со кризи, со којшто членовите на Владата се запознаени со состојбите за зголемено присуство на мечки во населените места на Општина Маврово и Ростуше.
Владата на денешата седница ги разгледа превентивните мерки предложени од страна на надлежните министерства, Министерството за животна средина и просторно планирање и Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, при што е изразено очекување за ефикасна примена на мерките.
-Во најкраток временски период да бидат отстранети сите помали и поголеми ѓубришта коишто се во непосредна близина на населените места или во самите населени места, коишто претставуваат извор на привлекување на мечката. За таа цел, локалната самоуправа, во соработка со Јавната установа Национален парк Маврово, согласно нивните надлежности, треба да пристапат кон решавање на прашањето, со цел навремено чистење на сметот (дивите депонии) од сите населени места, како и од локалните патишта.
Со утврдените превентивни мерки е предвидена и контрола на сите придружни објекти во коишто се чува храна, коишто може да бидат лесно достапни и коишто се во близина на местото на домување; затворање со соодветна безбедносна метална ограда на сите места за одлагање комунален отпад; обезбедување посебни хранилишта за мечки надвор од населени места; обезбедување на имотите, посебно на местата каде што се чува добиток, пчели и друго, со стандардизирана опрема со електричен напон; успивање и дислоцирање мечки, во соработка со државни органи и научни институции; употреба превентивни средства за заплашување и одвраќање, како и организирана употреба на средства за заплашување на мечките, информираат од Владата.
Неопходните превентивните мерки, како што е соопштено од страна на Министерството за животна средина и просторно планирање се предложени и преземени, во координација со Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, со оглед дека кафеавата мечка (Ursus arctos), согласно Законот за ловство, е вид за којшто е пропишана трајна забрана за ловење.
Активностите се преземени по доставено известување од страна на Јавната установа Национален парк Маврово, за зачестено присуство на кафеавата мечка на територијата на НП Маврово, каде, според информацијата, има причинети штети по добиток, пчелни семејства, имот.