Во рамки на акцијата „Важно е! Од тебе зависат промените!“ од Пештани се обрати претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски кој што истакна дека поради неспособноста на власта, граѓаните страдаат, а за тоа е и доказ беспарицата која зема се поголем замав во Македонија.
„Економијата ни е на колена, а земјоделците, каде и да одите ширум Македонија, ќе ви кажат дека споделуваат голема мака, родот не е платен, пласман нема и мака мачат како да ги прехранат своите семејства. Децата немаат учебници за да можат пристојно да добијат образование, она што го заслужуваат во 21 век, а демек сме биле земја која што е кандидат за членство во Европската Унија. Денеска пензионерите протестираат затоа што не можат месец од крај до крај да врзат. Ширум Македонија гледате како пензионерите за првпат во независна Македонија протестираат затоа што не можат да преживеат“, истакна Мицкоски.
Тој додаде и дека граѓаните си одат од државата бидејќи се разочарани од оваа власт, но дека набргу сѐ ќе се смени по претседателските и парламентарните избори.
„За економијата, за националните понижувања, за образованието, за земјоделсатвото, за пензионерите, за младите, моите студенти кои после дипломирањето одлучуваат да си заминат, 8 од 10, би рекол, кога ќе ги прашам зошто тоа го прават, велат дека овде едноставно не гледаат перспектива. Ќе имате сите вие можност да зборувате гласно за неколку месеци од денес на следните претседателски и парламентарни избори“, истакна Мицкоски.