Мицкоски: Повикувам на лидерска средба да се разговара за парламентарни и претседателските избори

Ние се наоѓаме на помалку од шест месеци од изборен процес. Ова не се случило никогаш како сега да нема комуникација на тема што правиме бидејќи имаме два значајни изборни процеси кои што за неколку месеци од денеска ќе ни се случат. Нема ниту лидерска средба да разговараме за дати, нема разговори што значи адаптирање на Изборниот законик, тоа не се случило досега, а јасни се препораките на ОБСЕ и ОДИХР дека шест месеци пред избори не треба да се менува Изборниот Законик“, истакна претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски во „Тема на денот“ на Сител телевизија.

Мицкоски додаде дека и трета работа е што никој не се сети да испрати покана до набљудувачката мисија на ОБСЕ и ОДИХР во услови кога Македонија е пред два значајни изборни процеси, тоа се претседателските и парламентарните избори.

„Тие знаете имаат два типа на мисии, едните се со подолг претстој, а другите се со пократок претстој. Овие со подолг претстој веќе требаше да се овде во Македонија“, заклучи тој.

„Нема никаква лидерска средба, никакви разговори за Изборен законик. Порано ова никогаш не се случило. Ова е несериозно однесување на Владата, не е ова Влада само за едно прашање. Никој во Македонија не го интересира дали тие ветиле нешто или не ветиле. Еве повикувам, апелирам и ќе инсистирам на лидерска средба затоа што тоа е одговорно и државнички“, нагласи Мицкоски.

Тој укажа дека е потребна лидерска средба за да се разговара за парламентарни и претседателски избори, но и да се разговара за суштински теми кои и претстојат на државата.