
Италијанскиот фудбалски великан Милан ќе го стави на продажба голманскиот дрес со името впишано на грбната страна на францускиот напаѓач Оливие Жиру, откако тој се истакна на голот во победата од 1:0 на гостувањето кај Џенова во саботата.
Првиот голман на Милан, Мајк Мињан, доби црвен картон доцна во судиското продолжение на натпреварот, а Жиру го зазема неговото место меѓу стативите, одлично бранејќи го ударот на Георге Пушкаш непосредно пред последниот свиреж на судијата.
Милан така го додаде Жиру на списокот голмани на првата екипа на својата веб-страница.
„Синоќа Оливие Жиру стана дел од историјата на Милан со храбрата одбрана на голот на АС Милан во последните минути од натпреварот на Росонерите против Џенова“, се истакнува во соопштението на миланскиот клуб.
„Клубот реши да ја чествува неговата изведба во последната линија на одбрана ставајќи го на списокот голмани. Дополнително, навивачите сега може да го купат голамнскиот дрес со натписот ‘Жиру 9’“, се додава во објавата на Милан.
Голманскиот дрес во службената продавница во Милано во понеделникот е распродаден, известуваат италијанските медиуми.