Специјален обвинител разговараше со Бајден за доверливите документи пронајдени во неговата гаража во Делавер

Американскиот претседател Џо Бајден одговараше на прашања од надлежните органи кои ја водат истрагата за ракувањето со доверливи документи од страна на Бајден, откако тој ја напушти потпретседателската функција во 2017 година.

Истрагата за доверливите документи ја води специјалниот обвинител Роберт Хур, соопшти канцеларијата на правниот застапник на Белата куќа.

Бајден доброволно се сретна во Белата куќа со специјалниот истражител Хур, кој два дена го испрашувал американскиот претседател, потврдија претставници на Белата куќа, пренесува Би-би-си.

Во јануари, секретарот за правда Мерик Гарланд го назначи Хур за специјален обвинител во истрагата за начинот на кој Бајден ракувал со доверливите документи кои беа пронајдени минатата година во неговиот дом во Делавер и во канцеларијата Пен Бајден во центарот на Вашингтон.

Документите се од периодот кога Бајден беше потпретседател на САД, од 2009 до 2017 година.

„Како што рековме од самиот почеток, претседателот и Белата куќа соработуваат во оваа истрага и, онаму каде што е соодветно, јавно објавивме релевантни информации и бевме транспарентни колку што можеме во согласност со заштитата и зачувањето на интегритетот на истрагата“, изјави портпаролот Иан Самс.

Истрагата за доверливи документи која беше водена против Бајденовиот потенцијален републикански претседателски ривал, поранешниот претседател Доналд Трамп, резултираше со покренување обвинение.