Министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, во „Тема на денот“ во дневникот на Сител, запрашан за скандалот на Клиниката за онкологија како едно од најгорливите прашања за јавноста, за сведочењето пред Анкетната комисија за утврдување на одговорноста, уште еднаш потенцираше дека материјалите кои се одземени, во моментот се наоѓаат на вештачење.
„Вештачењата треба да ги покажат сите аргументи, сите факти, сите докази во целата таа постапка и на основа на тоа што ќе биде од вештачењата, доказите коишто ќе бидат понудени, секако дека ќе се носи одлука во Јавното обвинителство“, потенцираше Спасовски.
Тој објасни дека се водат финансиски истраги за седум лица, но тоа не значи дека тие се осомничени или дека тоа ќе биде конечен број на лица, а со самото тоа не може во моментов да се каже на кои позиции се тие во Клиниката за онкологија.
„Знам дека тоа е тема којашто предизвикува внимание во јавноста, меѓутоа е многу важно до крај да се завршат работите и на основа на сѐ што ќе се обезбеди како доказ, да се именуваат тие коишто се виновни во овој случај, да се изведат пред лицето на правдата и секако да се оттргне вината, генерално, од лекарската фела“, истакна министерот Спасовски.
Не е целисходно, според него, сега да се излегува во јавноста, да се шпекулира, да се нагаѓа – тоа само ќе му штети на процесот. „Врз основа на планот што го правиме, тој може да доживува промени во текот на постапката, наша цел е што е најбрзо можно да се завршат овие постапки и на крај да резултираат со очекувањата“, потенцираше министерот.