Руските истражители уапсија адвокат на Навални

Руските истражители уапсија адвокат кој работел за затворениот руски опозициски лидер Алексеј Навални и ги пребарале домовите на уште двајца адвокати, соопштија денеска неговите соработници.
Тие рекоа дека тројцата адвокати се под истрага поради сомневање дека припаѓаат на екстремистичка група и ги обвинија властите дека отвориле случај против нив со цел дополнително да го изолираат затворениот Навални.

„Утринава се спроведуваат полициски рации во домовите на тројцата адвокати на Навални. Еден од нив е приведен, а ние не можеме да стигнеме до другите двајца“, објави помошничката на Навални, Марија Певчих на социјалната платформа Х.

„Навални сега остана без никаква правна одбрана или застапување“, додаде таа.

Со помош на своите адвокати, Навални (47) одржува активно присуство на социјалните мрежи и често поднесува тужби против третманот во казнената колонија во Владимирската област, источно од Москва, каде што е затворен.

Тој наскоро треба да биде префрлен во колонија со „специјален режим“ откако беше прогласен за виновен во август за серија нови обвиненија поврзани со „екстремистички“ активности и осуден на дополнителни 19 години, покрај 11 и пол години кои веќе ги отслужува.

Навални ги отфрла сите обвинувања како политички мотивирани и смислени да ги замолчат неговите критики кон претседателот Владимир Путин.