Предупредувањата на израелската војска дека околу 1,1 милион цивили во северниот дел на Газа треба да бидат евакуирани на југ од енклавата во следните 24 часа е тешка задача, изјави координаторот за стратешки комуникации на Советот за национална безбедност Џон Кирби.
Притоа тој избегна да ги критикува израелските одбранбени сили, јавија британските медиуми.
-Ние разбираме што се обидуваат да направат: сакаат да ги извлечат цивилите од опасност и да им дадат фер предупредување, рече Кирби.
Тој нагласи дека сега е сè уште многу тешко, бидејќи имаме работа со повеќе од милион луѓе и многу урбана, густо населена средина.
-Тоа е веќе борбена зона, па мислам дека никој не треба да го потцени предизвикот за извршување на таа евакуација, рече тој.
Кирби истакна дека САД не сакаат да гледаат повредени цивили.
-Очигледно, колку повеќе време имаат тие луѓе, толку ќе е подобро, рече американскиот функционер.
Кирби додаде дека САД продолжуваат да се залагаат за безбедно излегување од Газа и дека се во континуирана дискусија со израелските и египетските власти за тоа.
ОН веќе објавија дека наредбата за масовна евакуација е невозможна без поголеми хуманитарни последици.