Фон дер Лајен во Тирана за учество на самитот на Берлинскиот процес

Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен во неделата ќе отпатува за Тирана, каде што следниот ден ќе учествува на самитот на Берлинскиот процес, кој првпат се одржува во една од земјите во регионот на западен Балкан.

Како што соопштија од ЕК, предвидено е уште попладнето во неделата Фон дер Лајен да се сретне со албанскиот претседател Бајрам Бегај и со премиерот Еди Рама, со кои ќе разговара за процесот на пристапување на Албанија во ЕУ.

Во понеделник, пак, за самитот на Берлинскиот процес, на кој ќе учествуваат шефови на држави или влади од земјите на западен Балкан, на Фон дер Лајен ќе ѝ се приклучи и еврокомесарот за соседство и проширување Оливер Вархеји.

Самитот ќе биде можност претставниците на ЕУ да разговараат со регионалните лидери за новиот План за раст на западен Балкан, кој моментно го подготвува Европската комисијата и кој има цел уште отсега да им овозможи на граѓаните на земјите од регионот да ги почуствуваат придобивките од членството во Унијата, како што се пристапот до единствениот европски пазар, регионалната економска соработка, забрзувањето на фундаменталните реформи и зголемената финансиска поддршка.

Планот за раст ќе ја надополни поддршката за земјите од Западниот Балкан, што веќе е обезбедена во рамки на Економскиот и инвестициски план на ЕУ од 30 милијарди евра, започнат во 2020 година, кој досега мобилизираше 16 милијарди евра инвестиции за водечки проекти во регионот.

„Во текот на самитот, челниците од регионот ќе разговараат за напредокот на Заедничкиот регионален пазар на западен Балкан, вклучувајќи го и спроведувањето на регионалните договори за мобилност, потпишани минатата година во Берлин. Самитот, исто така, ќе го потврди неодамнешното намалување на трошоците за роаминг во регионот и ЕУ, што претставуваше фундаментална поддршката на Комисијата и Советот за регионална соработка“, се додава во соопштението.

Предвидено од самитот да произлезат серија заедничи изјави на земјите од Западниот Балкан во врска со соработката во областите, како што се заштита на климата и справување со загадувањето на животната средина, дигиталната транзиција, олеснувањето на трговијата и транспортот, амбицијата за нивно приклучување во Единствениот платен простор на еврото и намерата за формирање опсерваторија за конвергенција.